Skopje, 16 јуни 2017

Средба на премиерот Заев со хрватската амбасадорка Баришиќ: Има позитивни оддеци во Брисел од реформската посветеност на Владата во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорката на Република Хрватска во Македонија, Данијела Баришиќ.

На средбата е заеднички поздравена добрата соработка помеѓу Република Македонија и Република Хрватска и е изразено уверување дека таа ќе се продлабочува во периодот што претстои.

Изразено е уверување дека по промените во Македонија се отворени евро-атлантските перспективи за државата.

„Владата работи мотивирано и со полн капацитет да ги стабилизира финансиски граѓаните и државата. Истовремено работиме на интензивна реформска агенда којашто ќе обезбеди демократски, независни институции и владеење на правото, како дел од потребните европски вредности и за граѓаните во Македонија и за интеграциските процеси на државата. Целта на Владата е реализација на стратешките цели на Република Македонија, членство во Европската унија и НАТО“, рече премиерот Заев.

Хрватската амбасадорка пренесе дека има позитивни оддеци во Брисел од реформската посветеност на новата демократска Влада.

Претседателот на Владата, Заев соопшти дека Владата е насочена кон продлабочување на добрососедските односи во регионот, како и со земјите членки на Европската унија и од демократскиот свет, со цел соработка во сите области што можат да придонесат кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на Македонија.

Во таа насока амбасадорката Баришиќ најави можности за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Хрватска, со оглед на изразениот интерес на хрватски бизнисмени. Хрватската амбасадорка ја потврди определбата на Република Хрватска за поддршка на Република Македонија во реализацијата на евро-атлантските цели.

(http://vlada.mk/node/12906)