Скопје, 13 април 2018

Средба на премиерот Заев со претставници од хрватската заедница во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со претставници од хрватската заедница во Република Македонија, со Ненад Живковиќ, член на Советот на Владата на Република Хрватска за Хрватите надвор од РХ и со Невенка Костовска, претседателка на Заедницата на Хрватите во Република Македонија.

На средбата се поздравени граѓанските политики на премиерот Заев и на новата Влада, насочени кон грижа за сите граѓани во државата, независно од етничката или каква било друга припадност. Нагласено е дека Владата и Република Македонија ја имаат поддршката и од граѓаните Хрвати во Македонија и од Република Хрватска, во реформските чекори, демократските процеси, добрососедските односи, евро-атлантските интеграции на нашата држава.

Посебно се разговараше за состанокот најавен за 10 мај во Скопје, што ќе се одржи меѓу мешовитите комитети на Македонија и на Хрватска за следење на Спогодбата меѓу Република Македонија и Република Хрватска, за заштита на македонското малцинство во Хрватска и на хрватското малцинство во Македонија. Состанокот е договорен оваа година во мај, после 8-годишен застој, поради што е констатирано дека е потребно да се посвети внимание на реализацијата на обврските што произлегуваат од Спогодбата меѓу двете држави.

Република Македонија и Република Хрватска се пријателски држави, немаат отворени билатерални прашања, Хрватска е голем поддржувач на Македонија во остварувањето на стратешките евро-атлантски цели, и пријателството и соработката сега има услови да бидат продлабочени на економски, на културен план, низ грижа за правата на малцинствата во државите, но и во интерес на сите граѓани, заклучено е на состанокот.

Претставникот на Советот на Владата на Хрватска за Хрватите надвор од РХ, Живковиќ, пренесе дека има заинтересирани фирми од Хрватска за инвестирања во Македонија.

-Определени сме да обезбедиме економски развој на државата, од што бенефит ќе имаат и граѓаните и фирмите и искрената поддршка, како од нашиот пријател, Република Хрватска, многу ни значи. Исто така градиме едно општество за сите, со отворени шанси за сите и веруваме дека овој концепт ќе обезбедени перспективи за Република Македонија, но и за сите граѓани кои живеат во неа, вклучувајќи ги и граѓаните Хрвати, рече премиерот Заев на средбата со претставниците од хрватската заедница во Македонија, претставникот на Советот на Владата на Република Хрватска за Хрватите надвор од РХ, Живковиќ и претседателка на Заедницата на Хрватите во Република Македонија, Костовска.

(izvor: http://vlada.mk/node/14443)