Скопје, 16 јуни 2017

Средба на министерот Спасовски со амбасадорката на Република Хрватска Даниела Баришиќ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со амбасадорката на Република Хрватска Н.Е. Даниела Баришиќ.

Амбасадорката Баришиќ му го честита изборот на министерот Спасовски и му посака успешна работа, а понуди и помош за најавените реформи во Министерството за внатрешни работи. Амбасадорката Баришиќ ја потенцира важноста од добрата соработка на полициите од двете земји, што се гледа и преку присуството на полицајци од Република Хрватска на јужната граница, кои и помагаат на македонската полиција во справувањето со проблемот со мигрантите.

Министерот Спасовски се заблагодари на честитките и досегашната соработка со Република Хрватска и изрази уверување дека таа соработка ќе биде уште посодржајна. Тој воедно упати и честитка до новоизбраниот министер за внатрешни работи на Република Хрватска г-дин Давор Божиновиќ.

Министерот Спасовски го потенцира ентузијазмот со кој се влегува во процесот на реформи, со цел да се добие функционален систем односно полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните, односно мора да му се даде приоритет на принципот на чесност, одговорност и законско работење.  

(http://mvr.gov.mk/vest/4340)