Скопје, 13 декември 2017

Состанок на Партнерската Комисија на САД -Јадранската Повелба

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Повелбата за партнерство меѓу Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и САД, и набљудувачите Словенија, Србија и Косово, денес во Скопје, учествуваа на состанокот на Партнерската Комисија. Со состанокот претседаваше министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Министрите за надворешни работи разменија мислења за актуелната политичка состојба во Регионот и безбедносните  предизвици, реафирмирајќи ја посветеноста и заедничките напори насочени кон стабилна и просперитетна Југоисточна Европа. На состанокот беа разгледани и различните аспекти на досегашната и идната соработка на земјите од Повелбата, со посебен акцент на натамошните заеднички активности во повеќе области, а пред се нивниот придонес во зајакнувањето на безбедноста на регионален и глобален план како и иницирање заеднички проекти со останатите облици на регионална соработка. Посебно внимание министрите посветија на процесите на евроатлантска интеграција на Регионот и нивното значење за неговата стабилност и просперитет.

Во своето обраќање на состанокот, МНР Димитров го истакна значењето на САД -Јадранската повелба за промовирање и зајакнувањето на мирот, безбедноста и соработката во ЈиЕ и ја реафирмира определбата и заложбите на Република Македонија за натамошно продлабочување на соработката во рамките на Повелбата, со цел заокружување на европските и евроатлантските интеграциски процеси на Регионот. Димитров подвлече дека ова е исклучителна година за Повелбата, што беше потврдено и на Самитот во Подгорица во август оваа година, ко-претседаван од премиерот на Република Македонија, Зоран Заев и премиерот на Црна Гора, Душан Марковиќ. Притоа ја потенцираше пораката од американскиот претседател Доналд Трамп, соопштена од потпретседателот Пенс, дека иднината на Регионот е во НАТО и Европската унија и дека САД ги поддржуваат и се трајно посветени на овие процеси, кои ќе ја зајакнат  Европа.

На состанокот, новоименуваниот Национален координатор за НАТО, Стево Пендаровски, кој во име на Претседателот на Владата на Реублика Македонија, Зоран Заев, ги пренесе неговите пораки за растечкото значење на САД-Јадранската повелба за регионот и неговата европска и евроатлантска интеграција.

На отворањето се обратија и Горазд Бартол, шефот на канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, Метју Палмер,  директор на директоратот за Јужна и Централна Европа во Стејт департментот, а во својство на иден претседавач со Повелбата и МНР на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ.

МНР Димитров, подвлече дека оваа 2017 година е историска година и за Македонија, во која новата реформска Влада е силно посветена на имплементацијата на сите стандарди на НАТО и ЕУ и планот 3-6-9 и засилено работи на обновување на институциите, на враќање на меѓународната положба и углед на Македонија, на вредностите на демократијата, слободата и владеењето на правото. Со цел да се надградат стратешките цели - членство во НАТО и ЕУ, Владата го преобликуваше надворешно-политичкиот пристап на земјата, со вистинското разбирање дека интеграцијата во НАТО и ЕУ, добрососедските односи и регионалната соработка се процеси кои се неделиви се заемно се поддржуваат.

На состанокот беше усвоено и заедничко Коминике со кое, меѓу останатото, земјите членки дадоа силна и експлицитна поддршка на Република Македонија за добивање полноправно членство во НАТО во најкус можен рок. Се подвлекува дека македонското членство во НАТО е целосно основано и дека интеграцијата на Република Македонија е од круцијална важност за безбедноста и стабилноста на ЈиЕ. Во Завршното Коминике од состанокот министрите силно го поддржаа полноправното членство на Република Македонија во НАТО што е можно поскоро и оценија дека тоа значително ќе придонесе за регионалната безбедност и стабилност. Членките на САД-Јадранската Повелба изразија надеж дека Македонија ќе добие покана за приклучување кон Алијансата што е можно поскоро. Итната покана за Македонија ќе биде дополнителен поттик за националните реформски процеси и ќе претставува позитивен пример во регионот. Министрите, исто така, ја поздравија одлуката на Специјалниот пратеник на ОН за свикување на состанокот на преговарачите од Македонија и Грција во Брисел на 12 декември, за да разговараат за патот кон решавање на проблемот со името. Министрите, исто така, посебно ја поздравија улогата на Македонија за нејзиниот придонес кон регионалниот и глобалниот мир и безбедност.

На состанокот на Партнерската комисија, последен во рамки на Македонското претседавање со САД -Јадранската Повелба, Министерот Никола Димитров го предаде претседавањето за 2018 година на МНР на Црна Гора Срѓан Дармановиќ.

(http://www.mfa.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=2543:sostanok-na-partnerskata-komisija-na-sad-jadranskata-povelba&catid=52:soopstenija-do-javnosta&Itemid=684&lang=mk)