Дубровник, 12 април 2019

Премиерот Заев на 8-от Самит на Шефови на Влади на земјите од ЦИЕ и НР Кина 16+1

Премиерот Заев учествуваше на 8-от Самит на Шефови на Влади на земјите од ЦИЕ и НР Кина 16+1 во Дубровник. „Денеска имаме да соопштиме добри вести за нашата земја од 8-от Самит на Шефови на Влади на НР Кина со земјите од ЦИЕ 16+1 којшто оваа година се одржува во Дубровник, Република Хрватска. Ја унапредуваме соработката со НР Кина и со земјите од ЦИЕ, посебно во областа на земјоделството, што ветува дополнителен напредок и развој на оваа наша стратешка економска гранка. Отвораме нови перспективи за развој на македонското земјоделството. Од Самитот во Дубровник произлегуваат многу амбициозни планови и креативни иницијативи кои отвораат нови полиња на соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина. Република Северна Македонија силно ја поддржува 16+1 иницијативата и верувам дека имаме голем потенцијал да ги унапредиме нашите партнерства и да креираме нов бизнис и економски потенцијал за соработка. Денеска имав прилика да се обратам и на пленарната сесија на којашто обраќања имаа сите шефови на Влади од процесот 16+1 и премиерите на НР Кина и Р. Хрватска како домаќин, Кечијанг и Пленковиќ.

Оваа година исто така, ја имаме честа и задоволството да посакаме добредојде на Грција, нашата соседна пријателска земја, како 17-та земја челна од процесот на соработка на НР Кина и земјите од ЦИЕ. Овој факт нѐ радува бидејќи заедно ќе можеме уште позабрзано да ја реализираме споделената визија за развој на овој дел од Европа, а посебно на Западен Балкан. Грција до сега не беше членка на оваа иницијатива 16+1 заради проблемот со името со нашата земја. Со решавањето на овој проблем, оваа иницијатива станува 17+1.

Во рамки на дводневниот Самит имав прилика да се сретнам со моите колеги, премиерите од земјите на Централна и Источна Европа и да размениме искуства, важни за унапредување на нашата заедничка соработка.“

Премиерот Заев на средба со кинескиот премиер Кечијанг: Постои интерес за унапредување на економската и трговска соработка помеѓу Република Северна Македонија и НР Кина.

Премиерот на НР Кина, Ли Кечијанг го поздрави решавањето на билатералниот спор со Грција и рече дека тоа е резултат на лидерството на двете земји и мудроста на граѓаните да бидат насочени кон иднината. Во таа насока кинескиот премиер Кечијанг порача дека НР Кина ги поддржува напорите на нашата земја за интеграција во Европската Унија.

Двајцата премиери изразија интерес за унапредување на трговската и економската соработка помеѓу НР Кина и Северна Македонија во областа на инфраструктура, земјоделството, енергетика, образование, култура и туризам.

Премиерот Заев нагласи дека Договорот помеѓу двете влади за заедничко признавање на академски дипломи и други образовни сертификати е во финална фаза и беше нагласена заложбата дека продолжува соработката помеѓу двете земји.

На крајот од средбата со кинескиот премиер премиерот Заев изрази задоволство што Скопје е назначен за седиште на Координативниот центар за културна соработка од процесот на соработка 16+1 и го информираше кинескиот премиер Кечијанг дека Скопје ќе биде домаќин на „Форумот за култура“ во рамки на процесот 16+1 од 19-ти до 21-ви ноември оваа година.

На маргините на Осмиот Самит на Шефови на Влади од земјите на ЦИЕ и НР Кина од процесот на соработка 16+1 се одржа билатерална средба помеѓу Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и владината делагација и Претседателот на Владата на Република Чешка, Андреј Бабиш.

Целта на средбата беше да се афиримираат воспоставените добри билатерални односи и да се отворат нови полиња на соработка во областа на економијата, евроатлантските интеграци на нашата земја, како и во областа на безбедноста и внатрешните работи. Во тој правец премиерот Заев ја спомeна неодамнешната официјална посета на вицепремиерот на Владата на Чешка, Јан Хамачек на Република Северна Македонија како важен поттик за унапредување на взаемната соработка.

„Оваа година навршуваме вкупно 25 години од воспоставување на дипломатски односи помеѓу нашите две земји. Република Чешка претставува голем пријател и земја поддржувач. Имаме голем потенцијал да ја зголемиме нашата економска соработка. Трговската размена помеѓу нашите две земји минатата година се зголемила за 10%. Чешките компании се добредојдени и ќе добијат поддршка и третман од државата еднакво како и домашните доколку се одлучат да инвестираат во Република Северна Македонија“, нагласи премиерот Заев.

Во однос на нашите евроатлантски интеграции и претстојната важна одлука за почеток на преговорите со Европската Унија, од страна на премиерот Бабиш беше изразено уверување дека Република Чешка ќе ѝ ја пружи потребната поддршка и помош на нашата земја да се донесе позитивна одлука за почеток на преговорите.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во рамки на одржувањето на 8-иот Самит на Шефови на Влади на земјите од ЦИЕ и НР Кина од процесот 16+1 во Дубровник, Република Хрватска оствари средба со премиерите на Хрватска и Грција, Андреј Пленковиќ и Алексис Ципрас.

На заедничката средба беше изразена голема поддршка од Хрватска и Грција за евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија, за започнување на преговорите со Европската Унија во јуни како и за целосно заокружување на процесот за полноправно членство во НАТО.

Во рамки на оваа трилатерална средба беше потенцирана заложбата од страна на премиeрите дека во иднина ќе се работи интензивно на зацврстување на економските релации и врски помеѓу трите земји, за унапредување на меѓународната трговија и инфраструктурно поврзување што ќе даде позитивен ефект на домашните економии од што бенефит ќе почуствуваат граѓаните во сите три земји, Северна Македонија, Хрватска и Грција.

(izvor tekst i foto: www.vlada.mk)